Нова истрага на СЈО, 2018 клучна за регионот, Ривалско партнерство или партнерско ривалство...

МАКЕДОНИЈА - Специјалното јавно обвинителство (СЈО) на прес-конференција соопшти дека отворило седум нови истраги против 17 лица осомничени за злоупотреба на службена положба, измама во службите и други кривични дела. Истрагите се со кодни имиња Странски служби, Друмарина, Рентген, Продуцент, Лидери, Тарифа и Транспортер 2.

МАКЕДОНИЈА - Очекувањата на граѓаните се големи и тие јасно порачаа дека сакаат нови политики, Владата има минимум простор за грешка, изјави премиерот Зоран Заев на конференција Патот понатаму на Република Македонија. Тој наведе дека само со суштинско владеење на правото и еднаков пристап до правдата до сите, бескомпромисната борба против корупцијата и транспарентни институции може да се врати довербата кај нив. Претходно, Заев, по средбата на лидерите на Западен балкан во Брисел, на својот Фејсбук профил напиша дека 2018 година ќе биде клучна за регионот и неговиот пат кон НАТО и ЕУ.

САД - САД треба да прифатат дека енергични воени, економски и политички натпревари се играат низ целиот свет, изјави американскиот претседател Доналд Трамп, осврнувајќи се на новата безбедносна стратегија на САД. Притоа тој ги назначи Русија и Кина како главни американски ривали на светската сцена кои сакаат да ја поткопаат американската моќ. Ќе се обидеме да изградиме одлично партнерство со нив и со другите земји, но на начин кој секогаш ќе го штити нашиот национален интерес, рече тој.

РУСИЈА - Учесници на форумот на Движењето за серуски народен фронт во Москва се туркаат да го фотографираат рускиот претседател Владимир Путин, кој учествуваше на Форумот. Подоцна Путин се сретна со српскиот претседател Александар Вучиќ, со кого, според информациите од Кремљ, разговарал за стратешкото партнерство на двете држави и за јакнење на меѓусебната доверба и односи.

САД - Најмалку три лица загинале кога патнички воз излетал од надвозник и паднал на автопат јужно од Сиетел, во американската држава Вашингтон, соопштија локалните власти. Се стравува дека бројот на жртвите би можело да биде поголем. Возот се движел со брзина од 130 километри на час кога дошло до несреќата. Во него имало 78 патници и пет членови на екипажот. Надлежните работат на утврдување на причините за несреќата.

РУСИЈА - Русија држи во притвор Норвежанец осомничен за шпионажа, откако наводно добил доверливи документи од човек од Русија кој исто така е уапсен, соопштија официјални претставници. Фроде Берг е во притвор во московскиот Окружен суд Лефортово од 6 декември, јави Интерфакс цитирајќи ја портпаролката на судот Екатерина Краснова.