Заев утре на состанок со премиерите од Западен Балкан кај Могерини

Лидерите од Западен Балкан и шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини во Брисел на 24 мај 2017

Премиерот Зоран Заев заедно со премиерите од земјите од Западен Балкан утревечер во Брисел ќе присуствува на неформален состанок на покана на високата претставничка на ЕУ Федерика Могерини.

На третиот неформален состанок на премиерите со Могерини ќе стане збор за актуелните настани во регионот и за перспективите за 2018 година, кога на европските партнери во регионот ќе им биде понудена единствена можност да напредуваат на патот на интеграција во Унијата.

Овој неформален состанок претставува продолжување на разговорите на високата претставничка Могерини со балканските лидери од мај годинава, кога таа, исто така, ги собра на неформална работна вечера.

Се очекува за време на работната вечера в понеделник да стане збор за стратегијата која Европската комисија ја подготвува за февруари, а која треба да ги даде насоките за пристапување на Србија и Црна Гора во ЕУ до 2025 година, како и за идните чекори што на патот кон ЕУ ги очекуваат Албанија, Македонија, БиХ и Косово.