Џафери нa средба со членови на ДИК во оставка

Претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери

Петмина членови на Државната изборна комисија (ДИК) од осумте кои поднесоа оставки денеска биле на средба со претседателот на Собранието Талат Џафери.

Претседателот на Собранието Џафери за МИА потврди дека ги повикал осумтемина членови на највисокото изборно тело во оставка на средба на која, како што кажа, ги запознал со натамошната процедура за да можат во периодот до констатирањето на оставките да ја подготват институцијата за натамошното функционирање.

Оставките на членовите на ДИК, според првиот човек на Парламентот, треба да бидат констатирани на седница на 25 декември.

Од констатирањето на оставката треба да почне постапка за избор на нови членови на Комисијата.

Оставките мора да бидат констатирани или, пак, тие да ги повлечат. Доколку бидат констатирани имајќи го предвид бојкотот на опозицијата во Парламентот не се знае кога и како би завршил изборот на новите членови на Комисијата.