Македонско-албанска владина седница, Непопуларни мерки против загадувањето, Објавена најголемата плата во Македонија, Путин сака уште многу мандати...

МАКЕДОНИЈА - Фотографија од Скопје во магла и смог. Краткорочните мерки можат да ја ублажат, но не можат да ја санираат состојбата со загадениот воздух, затоа треба да се води борба која мора да е системска и перманентна, вели градоначалникот на Скопје Шилегов. Време е за мерки кои нема да бидат популарни, сметаат дел од еколошките организации.

АЛБАНИЈА - Првата меѓувладина седница ги крена на повисок степен односите меѓу Македонија и Албанија, рекоа премиерите на Македонија и на Албанија Зоран Заев и Еди Рама, на почетокот на заедничката седница на двете влади во Поградец. Двете страни потпишаа неколку договори за соработка во инфраструктурата, економијата, безбедноста, културата и образованието.

МАКЕДОНИЈА - Највисоката годишна бруто плата мината година во Македонија е исплатена во приватното здравство и изнесувала 2,7 милиони евра, а највисокиот бонус од работен однос на годишно ниво бил 416 илјади евра, соопшти УЈП, објавувајќи податоци врз основа на годишни даночни пријави од граѓаните.

РУСИЈА - Кампањата за претседателските избори во Русија треба да започне на 18 декември, откако изборите официјално беа закажани за 18 март. Датумот беше определен на официјалното гласање на Советот на Федерацијата, односно горниот дом на Парламентот. Путин изјави дека на изборите ќе учествува како независен кандидат, наместо да биде номиниран од партијата Обединета Русија која го контролира Кремљ. Многумина тоа го сметаат како навестување дека е можно тој да бара повеќе мандати во иднина, бидејќи според Уставот ќе му биде забранет реизбор во 2024 година

БЕЛГИЈА - Две години откако мигрантската криза ја подели Европската унија, нејзините лидери се уште се обидуваат да ги надминат разликите за тоа како да се справат со ова прашање. Не успеаја ниту на последниот Самит во Брисел. На истиот Самит, ЕУ ги продолжи санкциите врз Русија поради немањето напредок во мировниот процес во Украина. Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск на самитот на Унијата во Брисел изјави дека европските лидери биле обединети во врска со прашањето за економските санкции врз Русија.

ЗАПАДЕН БРЕГ - Палестински демонстрант со маска фотографиран за време на најновите судири на Палестинците и израелските безбедносни сили во Западен Брег. Протестите, судирите, палењето јавен имот и пукањето не престануваат на територијата на цела Палестина по најавата на американскиот претседател Доналд Трамп за признавање на Ерусалим за главен град на Израел.

РУСИЈА - Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) соопшти дека уапсила седум осомничени екстремисти и спречила бомбашки напади во Санкт Петербург планирани за 16 октомври. ФСБ наведе дека осомничените планирале да постават неколку експлозии, вклучително и самоубиствен бомбашки напад. Уапсените биле осомничени членови на Исламска држава кои биле насочувани од странство преку апликацијата за пораки Телеграм.