Загадениот воздух и политичкиот блеф, Путин независен кандидат, Хамас и пука и слави, Украинските секс-работнички на нозе...

МАКЕДОНИЈА - Добар дел од таканаречената иницијатива на граѓаните за загадувањето е евтин политички блеф на ситно популистичката политика којашто ја креираше ВМРО-ДПМНЕ во изминатиот период, изјави градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов, коментирајќи дека е политички мотивирана иницијативата на социјалните мрежи на родители кои најавија дека нема да ги пуштат децата во училиште во знак на револт од загадувањето во Скопје. Шилегов, заедно со заменик-мнистерот за екологија Јани Макрадули, учествуваше на панел дискусијата за политиките против загадувањето на воздухот во организација на УСАИД и Министерството за животна средина во Скопје.

МАКЕДОНИЈА - Граѓаните на бесплатната телефонска линија 193 деноноќно може да пријавуваат огнови кои што горат на отворено и придонесуваат за загадување на воздухот. Оваа активност, што ја промовираше скопскиот градоначалник Петре Шилегов, е дел од краткорочните мерки на Градот Скопје за справување со загадувањето.

РУСИЈА - Претседателот на Русија, Владимир Путин, најави дека на претседателските избори во март 2018 година ќе се појави како независен кандидат. Изјавата беше дадена во рамки на традиционалната годишна прес-конференција на која претседателот пред 1600 новинари одговори на вкупно 65 прашања за 3 часа и 42 минути.

РУСИЈА - Руската телевизиска ѕвезда и активистка за човекови права Ксенија Собчак разговара со новинарите пред почетокот на годишната конференција за медиуми на рускиот претседател Владимир Путин. Собчак, која најави дека ќе се кандидира за претседателка на Русија на претстојните избори, дојде на прес-конференцијата и, како што коментираа некои од светските агенции, му зема дел од славата на рускиот претседател. Собчак е остар критичар на Путин и ќерка на неговиот ментор, Анатоли Собчак, кој сега е во немилост на својот ученик.

ГРЦИЈА - Жена облечена како Дедо Мраз учествува во генералниот штрајк во Грција против економските мерки и реформите во секторот за труд и социјала. Движењето по улиците било отежнато, бидејќи во штрајкот се вклучени и вработените во градскиот транспорт: возовите не сообраќале, откажани биле летови, а бродовите останале во пристаништата. Центарот на Атина бил затворен поради протести по повикот на главниот синдикат, а протести биле организирани во Солун и други градови во Грција.

ИЗРАЕЛ/ПАЛЕСТИНА - Војник на Хамас фотографиран за време на големата парада по повод одбележувањето на 30-годишнината од основањет на милитантната организација Хамас. Оваа организација се смета за најопасниот непријател на Израел, особено по судирите и борбите по објавата на американскит претседател Доналд Трамп дека САД ќе го признаат Ерусалим за главен град на Израел.

УКРАИНА - Поранешни сексуални работнички и активисти за човекови права со маски на лицата на протест во Киев. Тие на протестот побараа легализирање на проституцијата и запирање на насилството чии жртви се сега сексуалните работници во Украина.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Демонстрантка со чорапи во боите на ЕУ протестира во Лондон против планот на Велика Британија за напуштање на Европската Унија. Британските пратеници дополнително ги поткопаа плановите на премиерката Тереза Меј за Брегзитот со тоа што на парламентот му дадоа конечен збор за каква и да е спогодба што владата ќе ја постигне со Европската унија. Со тоа на парламентот му се дава право на вето на Брегзитот.