Евроатлантски конференции во Македонија, Ердоган не го дава Ерусалим, Тилерсон се премислува за Северна Кореја, Штербик најдобар на светот...

МАКЕДОНИЈА - Во рамките на македонското претседавање со САД - Јадранската повелба, во македонското МНР се одржа состанок на Партнерската комисија на Повелбата под мотото Балканот напред - исполнување на визијата за целосна и слободна Европа. На состанокот, со кој претседаваше шефот на македонската дипломатија Никола Димитров,  учествуваа делегации на членките на Повелбата: Македонија, Албанија, Хрватска, Црна Гора, Босна и Херцеговина и САД, на набљудувачите Србија, Косово и Словенија, како и шефот на Канцеларијата на НАТО во Скопје.

МАКЕДОНИЈА - Во Скопје се одржа завршната конференција на истражувачкиот проект на Евроатлантскиот совет на Македонија, насловен Зајакнување на младинскиот дијалог за промоција на демократските процеси во духот на евроатлантските интеграции. Целта на проектот е поттикнување на младите да учествуваат во градењето на демократските процеси и да придонесат во процесот на евроатлантските интеграции, развивањето на дијалог, градењето на капцитети... На конференцијата говореа и премиерот Зоран Заев и претседателот на Собранието, Талат Џафери.

САД - Американскиот државен секретар Рекс Тилерсон понуди почеток на преговори со Северна Кореја без предуслови. Тоа претставува своевидно повлекување на Вашингтон од претходниот став дека за да дојде до преговори е неопходно најпрвин Пјонгјанг да се откаже од развојот на нуклеарно оружје.

ТУРЦИЈА - Турскиот претседател се поздравува со претседателот на Иран, Хасан Рохани, на Самитот на Организацијата за исламска соработка во Истанбул. Ердоган ги повика земјите ширум светот да го признаат окупираниот Ерусалим за главен град на Палестина, како одговор на признавањето на поделениот град од страна на САД како главен град на Израел.

ИЗРАЕЛ - Израелски полицаец инфилтриран меѓу Палестинците и израелски војник апсат Палестинец за време на судирите кои веќе неколку дена траат ширум Појасот Газа и палестина, а по одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да го признае Ерусалим за главен град на Израел.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Жена се фотографира со восочните фигури на британската премиерка Тереза Меј и британскиот министер за надворешни работи Борис Џонсон, облечени во еден џемпер со божиќна порака на него. Во ЕУ и во Британија една од најгорливи теми и понатаму се преговорите за Брегзит. Премиерката Меј изјави дека Лондон ќе ја исплати предвидената сума за „разводот“ од меѓу 40 и 44 милијарди евра на Европската унија, само доколку биде постигната конечна согласност за начинот на кој Велика Британија ќе излезе од ЕУ.

МАКЕДОНИЈА - Голманот на македонскиот ракометен клуб Вардар, Апард Штербик, е прогласен за најдобар ракометар на светот за 2017 година од страна на специјализираниот ракометен сајт Handball planet, во гласање во кое биле вклучени 30 новинари од 27 земји, како и од повеќе од 100 илјади посетители.