Во Брисел средба на Нимиц со преговарачите за името Наумовски и Василакис

Посредникот на ОН во спорот за името Метју Нимиц

Специјалниот претставник на ОН за спорот со името меѓу Македонија и Грција Метју Нимиц, денеска во Брисел ќе има средба со преставниците на двете земји Васко Наумовски и Адемантиос Василакис, за надминување на разликите околу името. Нимиц, по средбите со преставниците на двете земји денеска во Брисел ќе одржи прес-конференција, соопшти МНР. Средбата, како што претходно најави канцеларијата на Нимиц, е дел од напорите на ОН да им се помогне на двете страни да најдат заеднички прифатливо решение за прашањето на името. На разговорите во Брисел, Наумовски ќе го придружува дипломат од МНР, а во ист формат кој е договорен со Нимиц, ќе биде и од грчката страна. Последната формална рунда разговори на медијаторот на ОН со преставниците на двете земји беше одржана во Њујорк во ноември 2014.