Експлозија во Њујорк, Путин ја повлекува војската од Сирија, Нема мир во Палестина, Нова Џејмс Бонд еуфорија...

САД - Четири лица се повредени во експлозијата на бомба од непознато потеклo, која попладнево се случи на станица во Менхетен во Њујорк. Еден од повредените е и осомничениот за предизвикување на инцидентот кој како што јавуваат агенциите, веќе е приведен. Напаѓачот е идентификуван како Акајед Улах и истиот се здобил со повреди кога го активирал експлозивот. Тројца минувачи се полесно повредени. Градоначалникот на Њујорк, Бил де Блазио го нарече инцидентот - обид за терористички напад.

СИРИЈА - Рускиот претседател Владимир Путин во ненајавено патување во Сирија нареди почеток на повлекување на силите на Русија од земјата на Блискиот Исток. Наредив министерот за одбрана и шефот на генералштабот да започнат со повлекување на групата сили на Русија во нивните постојани места на распоредување“, објави државната агенција РИА цитирајќи го Путин.

САД, ИЗРАЕЛ - Американскиот претседател реагира на 11-годишниот Френк Гиачио, кој ја коси тревата во дворот на Белата куќа во Вашингтон. Реакција од Трамп очекува и арапскиот свет, особено Палестина, каде по неговата одлука да го признае Ерусалим за главен град на Израел и таму да ја премести американската амбасада, протестите и судирите земаат се поголем замав. (Фотографијата на Трамп со момчето Френк е во најтесниот избор на агенцијата Ројтерс за избор на фотографија на годината).

УКРАИНА - Поддржувач на поранешниот грузиски претседател Михаил Саакашвили со маска на поранешниот украински претседател Виктор Јанукович, на протест пред Судот во Киев во кој му се суди на Саакашвили. Лидерот на украинската партија Движење на новите сили, Михаил Саакашвили, во судница изјави дека се смета за воен заробеник, а не за уапсен. Тој беше уапсен под сомнение за помагање на криминална организација, а по неговото апсење во Украина постојано се организираат протести од неговите приврзаници.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Напис Училиштето е затворено, поставен на влезот од едно британско основно училиште. Во Велика Британија силните снежни врнежи во изминатите четири години доведоа до десетици откажувања и одложувања на летови. Западна Европа е погодена од силни ветришта, снег и дождови. Прекинати се стотици транспортни врски низ целата област.

ХРВАТСКА - Фотографија од Слободан Прљак, генералот на босанските Хрвати, за време на комеморацијата во Лисински во Загреб. Прљак, откако беше осуден на 25 години за злосторства против човештвото во судот во Хаг за дела сторени во босанската војна, испи отров во судницата, од чие дејство набрзо потоа и почина.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Специјалистката за организирање настани, Клер Тол Моа го подготвува вечерниот костим на актерот Даниел Креиг во улогата на Џејмс Бонд. Овој костум и уште десетици други филмски и музички предмети од познати личности ќе бидат понудени на аукција во Лондон. Според британскиот печат, најголем интерес има за предметите на тајниот агент 007, односно, како што велат медиумите од Островот, почнала нова еуфорија за Бонд.