ВМРО-ДПМНЕ денеска на протест пред Истражниот затвор во Шуто Оризари

Илустрација-Марш на ВМРО-ДПМЕ за правда и правдина

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска во 16 часот организира протест пред Истражниот затвор во Шуто Оризари. Во партиското соопштение се наведува дека тоа го прават “во знак на револт против неоснованото и неправедно притворање и во знак на поддршка на жртвите на оваа хунта”.

Во него пишува и дека Македонија го живеела еден од најцрните и најнедемокрaтски периоди од осамостојувањето, во кој се случувале, како што тврдат,политички затварања, монтирани обвиненија и одмазда против секој што гласно се спротиставувал на антидржавните политики.

“Целта е да се се покаже сила за да се пасивизира македонскиот народ. Да се даде до знаење дека секој македонски граѓанин кој јавно нема да се согласува, кој ќе крене глас против антидржавните политики на хунтата ќе заврши во притвор како Дурловски, Илиевски, Чавков, Дамовски, Јовановски и триесетина други кои без никаков основ ги обвинија за тероризам” пишува во соопштението.

Пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, бивши државни функционери од партијата, нивни поддржувачи, вработени во државни институции и организатори на протестите на иницијативата За заедничка Македонија беа приведени на 28 ноември. За дел од нив е изречена мерка притвор и се наоѓаат во истражниот затвор, а дел од нив се во домашен притвор. Основното јавно обвинителство осомничи 36 луѓе за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“ поврзано со крвавите настани од 27 април во Собранието. Од приведувањето досега ВМРО-ДПМНЕ речиси секојдневно организира протести на различни локации и блокира крстосници низ Скопје.