Стоп за рудникот на смртта, Ердоган и на кавга и на помирување во Грција, Путин сака четврти мандат, Благодариме Џони...

МАКЕДОНИЈА - Граѓани, организирани преку социјалните мрежи, излегоа на протест пред владата во Скопје против изградбата на рудникот Казандол во Валандово, или како што велат, рудникот на смртта. Протести против рудникот Казандол имаше и во Валандово. Оттаму граѓаните порачаа: Овде сме да кажеме стоп за изградба на рудниците Казандол, Иловица и Боров дол, нема да дозволиме тоа да се случи. Компанијата која треба да стопанисува со рудникот Казандол, Сардич МЦ, реагираше дека рудникот воопшто нема да загадува.

МАКЕДОНИЈА - Во македонското Собрание беше доделена државната награда Свети Климент Охридски за 2017 година. Добитници годинава се професорот и писател Венко Андоновски и историчарот Наим Алими во областа на воспитанието и образованието, и музичкиот уметник Гарабет Тавитјан, писателот Јордан Плевнеш и филмологот Илинденка Петрушева во областа на културата и уметноста.

ГРЦИЈА - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и неговата сопруга Емине позираат со деца облечени во народна носија, припадници на муслиманската заедница во Комотини. Претседателите на Турција и на Грција Реџеп Таип Ердоган и Прокопис Павлопулос изјавија дека двете земји треба да изградат нова иднина и покрај разликите од минатото, откако посетата на Ердоган на Атина се претвори во размена на обвинувања за голем број историски прашања.

РУСИЈА - Рускиот претседател Владимир Путин фотографиран на Арктикот, за време на инспекција на второто по големина руско наоѓалиште на гас. Путин соопшти дека по 4-ти пат ќе се кандидира за претседател на Русија.

ИЗРАЕЛ - Израелски граничен полицаец пука кон толпата палестински демонстранти кои со камења и запаливи направи фрлаа кон безбедносните сили за време на масовните протести ширум Појасот Газа и Палестина. Протестите и нередите следуваа по објавата на планот на претседателот на САД да го признае Ерусалим како главен град на Израел, но и по нападот на израелските сили врз неколку цели во Газа. Израелската војска соопшти дека стрелала врз цели во Појасот Газа како одговор на ракетни напади врз Израел.

ГЕРМАНИЈА - Германската канцеларка Ангела Меркел се возеше со супер-брз воз на отворањето на последната железничка делница од супер-брзата рута Минхен - Берлин. Меркел веќе некое време не успева да состави влада. Решението е на повидок откако германските Социјалдемократи едногласно одлучија да преговараат за коалицирање во владата на канцеларката.

КОНГО - Голем број мировници на ОН биле убиени и ранети во нападот на истокот на Демократската Република Конго, соопшти Жан-Пјер Лакроа, потсекретар за мировни операции на ОН. Тој не го прецизира бројот на загинати, но новинската агенција Ројтерс, повикувајќи се на анонимни претставници на ОН, објави дека 14 мировници загинале, а повеќе од 40 се повредени во нападот во провинцијата Северно Киву.

САД - Американскиот претседател Доналд Трамп прогласи вонредна состојба во Калифорнија, поради пожарите што беснеат во таа американска сојузна држава. Големи пожари беснеат во неколку области, а најголемиот од нив, наречен Томас, кој беснее северно од Лос Анџелес, се прошири сѐ до пацифичкиот брег. Тој уништи 430 објекти на површина од 466 квадратни километри.

ФРАНЦИЈА - Благодариме Џони. Со овој светлечки напис на Ајфеловата кула, парижани се простија од еден од најпознатите француски актери и музичари, Џони Холидеј. Францускиот Елвис Присли, како што го нарекуваа, почина по долга битка со ракот.