ВМРО-ДПМНЕ повикува на протест за правдината и татковината

Архивска фотографија - Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски предводи група која оди на протест.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ испраќа повик до сите граѓани за денешниот протест, планиран за попладне пред Министерството за правда. Во дел од повикот се наведува дека тие се за правдина, без разлика што ќе речат другите.

„Кога правдината е погазена, татковината е ослабена. Татковината не може да оди напред кога правото станува неправо, кога реваншизмот станува стил на живот, кога политичкиот прогон прераснува во страст, а покорноста се претвора во вредност“, стои во повикот.

Приврзаници на партијата неколку дена протестираат на неколку локации откако Основното јавно обвинителство отвори случај против 36 луѓе, меѓу кои пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, во врска со настаните од 27 април.

Собранието потоа им го укина имунитетот на пратениците Крсто Мукоски, Јохан Тарчуловски, Жаклина Пешевска, Љубен Арнаудовски, Љупчо Димовски и Сашо Василевски, кои обвинителството ги сомничи за настаните во Собранието.