Шест пратеници останаа без имунитет, Тетово со неславен рекорд, Се излеа Вардар, Руската Дума ќе ги брка американските медиуми, Дизни влезе во Москва...

МАКЕДОНИЈА - Собранието изгласа симнување на имунитетот на шестмина пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, откако судија на претходна постапка претходно побара симнување на нивниот пратенички имунитет заради одредување на мерка притвор како осомничени за насилствата во Собранието на 27 април. Нивните колеги изгласаа симнување на имунитетот на пратениците Крсто Мукоски, Јохан Тарчуловски, Жаклина Пешевска, Љубен Арнаудов, и Сашо Василевски од ВМРО-ДПМНЕ и на Љупчо Димовски од Социјалистичката партија на Македонија.

МАКЕДОНИЈА - За три дена во претседателскиот Kабинет се одржаа две средби на партиски и државни лидери од кои во јавноста нема многу информации. Првата средба кај шефот на државата Ѓорге Иванов се случи дента кога беа и приведувањата за настаните на 27 април, а втората беше во проширен состав, па покрај Иванов, премиерот Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, учествуваа и првиот човек на ДУИ Али Ахмети и претседателот на Собранието Талат Џафери. Анализата на досегашните лидерски средби покажува дека една од основните работи е да не се пуштат премногу информации во јавноста и затоа се држат во таков тесен формат, велат аналитичарите.

МАКЕДОНИЈА - Приведени шестмина македонски и српски државјани и запленети најмалку 500 илјади таблети синтетичка дрога чија крајна цел била Турција. Ова е епилогот по акција на македонската и српската полиција, во координација со американската ДЕА. Лабораторијата е пронајдена во Тетово. Откриени се најголеми количини синтетичка дрога на просторот на Балканот, а доколку првичните проценки излезат точни, веројатно ќе биде и една од поголемите заплени на синтетички дроги во меѓународни рамки, соопшти министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

МАКЕДОНИЈА - По обилните дождови, реката Вардар се излеа од коритото во центарот на Скопје. Се подготвуваат околу 10.000 вреќи песок, што ќе се постават на критичните точки, бидејќи се очекуваат уште поинтензивни врнежи, соопшти Емил Дуровиќ, началник на Штабот за заштита и спасување на Град Скопје.

РУСИЈА - Графика од рускиот претседател Владимир Путин и логоа на медиумите за кои авторот на графиката вели дека се контролирани од државата. Медиумите, овој пат странските беа тема и на последното заседание на руското Собрание. Руската државна Дума размислува за забрана на сите американски медиуми во Русија. Долниот дом на парламентот ќе расправа за предлогот следната недела, изјави претседателката на собраниската законодавна комисија Олга Савастјанова.

САД - Рекс Тилерсон ќе остане на функцијата американски државен секретар, соопшти Белата куќа. Претходно некои американски медиуми јавија дека Тилерсон ќе биде заменет од Мајк Помпео кој во моментов е директор на ЦИА. Тој е тука. Рекс е тука, изјави и претседателот Доналд Трамп.

РУСИЈА - Деца си играат со играчки со ликовите на најпознатите ликови на Волт Дизни, Мики и Мини Маус. Американскиот индустриски гигант, компанијата Волт Дизни, ја отвори својата прва продавница во Москва.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Принцот Хари и неговата вереница Меган Маркл беа на првата кралска должност откако се верија. Кралската двојка ја пречекаа илјадници жители на Нотингем. Двојката ќе се венча во мај догодина.

ИНДИЈА - Ширете љубов, а не СИДА, пишува на обоеното лице на еден од учесниците во големата парада во Кандигар. 1 декември, Светскиот ден на борбата против сидата беше одбележан низ целиот свет.