ВМРО-ДПМНЕ и денеска ќе блокира крстосници и ќе протестира пред судот

Протест на ВМРО-ДПМНЕ пред Кривичниот суд на 28 ноември 2017

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и денеска ќе блокира крстосници во Скопје и ќе протестира пред Основниот суд Скопје 1 против затворањето нивни пратеници и поддржувачи поради насилствата во Собранието на 27 април. Тие сметаат дека обвинението „за тероризам“ со кое може да се соочат „е акт на безумие и политичка тортура“. Тие сметаат дека обвинението е измислено и конструирано „против луѓе кои не сториле ниту прекршок во својот живот“.

Велат дека се работи за реваншизам и оти со Македонија владее хунта.

Најавуваат дека од 15 до 17 часот ќе ги блокираат крстосниците кај Мавровка, помеѓу улиците Васил Чакаларов и Ангел Динев во Влае и кај „Рампа“ во Кисела Вода. Од 18 часот, пак, организираат протест пред Кривичниот суд Скопје, каде ќе има повеќе обраќања пред присутните.