Се уште не е свикана Комисијата за одземање на имунитетот на осомничените пратеници

Собрание на Република Македонија

Собраниската Комисија за деловничко и мандатно-имунитетни прашања на која треба да се разгледуваат барањата за одземање на имунитетот на шестмина пратеници испратени од Судот се уште не е закажана. Обвинителството ги товари пратениците за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста на државата, а во врска со насилствата во Собранието на 27 април годинава.

Претседателот на Собранието Талат Џафери кој попладнево пристигна во зградата на Парламентот се уште не ги доставил барањата до претседателот на Комисијата Павле Богоевски, но се посочува дека тоа би можело да се случи во секој момент. Засега се уште е неизвесно кога би бил почетокот на седницата иако се најавуваше за попладнево. Можно е, како што информираат од Собранието, седницата да биде закажана за вечерва или за утре.

Пратениците од власта имаат мнозинство во Комисијата за деловничко и мандатно-имунитетни прашања, така што се очекува одлука да биде донесена и доколку пратениците од опозицијата односно од ВМРО-ДПМНЕ не присуствуваат на седницата. Членови на оваа комисија се и двајца од пратениците за кои има информации дека е побарано притвор, но според Деловникот и тие треба да бидат известени за седницата. Нивното место во Комисијата ќе го заземат заменици-членови од пратеничката група.

Неколкумина пратеници се меѓу 36 лица кои Основното јавно обвинителство ги гони за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, во врска со настаните од 27 април годинава во Собранието на Република Македонија