Камбовски и Старделов сметаат дека одлуката на БПЦ е чекор во добра насока

Архивска фотографија-академикот Владо Камбовски на настан во МАНУ

Одлуката на БПЦ да се застапува пред другите помесни цркви за востановување на канонскиот статус на Македонската православна црква е чекор во добра насока, сметаат академиците Владо Камбовски и Георги Старделов.

„Сестрински цркви да соработуваат, тоа е добар знак, еднаш да се излезе од оваа заробеност на МПЦ. Секој и најмал знак на признавање, очигледно ова е признавање затоа што, штом ви го прифатат барањето и сериозно се однесуваат кон едно такво барање сигурно е еден знак на признавање. Сега дали во канонска смисла до крај е тоа изведено како признавање тоа не знам, но во секој случај тоа е еден позитивен чекор“, вели академик Камбовски.

Тој ова го изјави денеска по промоцијата на VI том од Собраните дела на академик Цветан Грозданов во МАНУ.

Според академикот Георги Старделов прво треба да се анализираат последиците во иднина што ќе ги предизвикаат овие црковни релации.

„Нашето македонско време е секогаш згуснато во некои контрадикции. Дали ќе излеземе и од овие контрадикции на добар пат, јас сепак се надевам зашто надежта последна умира“, вели академик Старделов.

Синодот на МПЦ се залбагодари на одлуката на Бугарската црква и оцени дека таа дава надеж за конечно решавање на статусот на легитимната автокефалност на Македонската православна црква во семејството на помесните православни цркви.