Степенот на уништувањето на овој некогаш просперитетен град во Ирак го одзема здивот.
Улиците, домовите, продавниците и канцелариите станаа урнатини за време на тригодишното владеење на милитантите на Исламската држава и битката за ослободување на Мосул.
Ирачките војници, поддржани од коалицијата предводена од САД, конечно го вратија Мосул во јули годинава, по бруталната осуммесечна борба.
Остатоци од мртви милитанти се уште се наоѓаат под урантините. Сепак, жителите полека почнаа да доаѓаат дома.
Ријад Хишам, жител на Мосул, вели:
„Ние се вративме овде, бидејќи немаме друг дом. Искрено, немавме ништо на друго место. Ова се тешки услови. Кога заминавме од тука избегавме од сигурна смрт, фала му на Бога. Кога велат дека нешто е под нулата, е ние сме уште полошо од тоа. Имаме многу долгови. Фала му на Бога, сега сме тука, почнавме да ја чистиме областа со свои раце“, вели тој.
Ирак конечно прогласи победа над милитантите низ целата земја. Само во Мосул, илјадници беа убиени, а стотици илјади беа раселени.
Закрепнувањето, доколку го има, се одвива бавно.
Многумина сè уште немаат ни основна инфраструктура и услуги.
„Сè што бараме е вода, електрична енергија и што е најважно главната улица да биде повторно отворена, а урнатините да се отстранат. Ако главната улица повторно се отвори, а урнатиот дел се отстрани, можеме повторно да ги изградиме нашите куќи“, вели еден жител.
Жителите се жалат на недостиг на помош од владини и меѓународни агенции.
Повеќето луѓе се уште не се вратија. Но, за други, ова е единствениот дом што го имале, и тие се среќни да се вратат, и покрај сето ова уништување.