Масакар во Египет, Нови борби во Украина, Нови моменти од руското мешање во американските избори, Балканско оро во Скопје...

МАКЕДОНИЈА - Младите треба да учествуваат во демократските процеси во училиштата, но и да ја почувствуваат важноста на толеранцијата и почитувањето на другите. Ова беа дел од пораките на отворањето на проектот Меѓуетничко интегрирано образование. Идејата е во следните пет години образовни институции, училишта, општини и граѓански организации во земјава да работат на теми за меѓуетничка интеграција на младите во образованието. Проектот е финансиран од УСАИД и Европската команда на војската на САД, а го спроведува Македонскиот центар за граѓанско образование во соработка со Министерството за образование и наука.

МАКЕДОНИЈА - Институтот за фолклор Марко Цепенков од Скопје го организира 19. Меѓународен симпозиум за балкански фолклор на тема Традиција и современост во фолклорот на балканските народи. Учесниците на научниот собир од Македонијa, Бугарија, Русија, Косово, Полска, Грција и Србија дискутираа за фолклорот во современиот популарен дискурс, народните верувања и нивниот одраз во книжевните дела, за синтаксичката структура на народните умотворби, за елементите на фолклорен театар во обредите под маски...

МАКЕДОНИЈА - Условна шестмесечна затворска казна доби Томислав Лазаров, четвртообвинет во предметот Насилство во Центар на Специјалното јавно обвинителство. Лазаров, кој е советник од ВМРО-ДПМНЕ во Општина Центар, пред Судот уште еднаш изрази каење и вети дека нема да стори друго кривично дело и се откажа од правото на жалба за висината на казната.

ЕГИПЕТ - Најмалку 184 луѓе се убиени, а над 120 се ранети, кога милитантите со бомби и огнено оружје нападнале една џамија во Северен Синај, информираа египетските власти. Државната новинска агенција МЕНА објави дека милитантите кои дошле со четири џипа почнале да пукаат во верниците кои се собрале на петочната молитва во џамијата во градот Бир ал-Абд на околу 40 километри од главниот град на провинцијата, Ел-Ариш.

САД - Поранешниот советник за национална безбедност на Белата куќа, Мајкл Флин, ќе соработува со специјалниот обвинител во истрагата за можен заговор меѓу изборниот штаб на претседателот Доналд Трамп и Русија на ланските претседателски избори, објави весникот Њујорк тајмс. Весникот објави и дека адвокатите на Флин досега разменувале информации со правниот тим на Трамп за истрагата за тоа дали соработниците на Трамп се здружиле со Русија за да ја поткопаат претседателската кампања на Хилари Клинтон.

КОСОВО - Полицаец прска демонстрант со солзавец за време на протестот и нередите против апсењето на пратеникот на Самоопределување, Албин Курти, во Приштина. Курти, по кого трагаше косовската полиција врз основа на налогот за апсење што го издаде Основниот суд во Приштина, е уапсен пред зградата на Собранието на Косово. Пратенците на косовското двжење Самоопределување, Албин Курти,Албулена Хаџиу Донка Кадај Бујуп, се испратени во притвор.

УКРАИНА - Петмина украински војници загинале, а четворица се ранети во судири со проруските сепаратисти на истокот на земјата, соопшти украинската армија. Најголемите борби се случувале кај селото Кримске на околу 30 километри западно од Луганск. Украинската армија соопштува дека во судирите биле убиени осуммина сепаратисти, а деветмина биле ранети.

СРБИЈА - Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ смета дека косовскиот министер за надворешни работи Беџет Пацоли бил малку нервозен, бидејќи ситуацијата не се одвивала според неговиот план. Пацоли претходно на Фејсбук напиша дека изјавата на Дачиќ оти ќе го уништи признавањето на Косово е резултат на политиката што ја претставува Дачиќ, политика на уништување и уривање.

ЗИМБАБВЕ - Емерсон Мнагагва положи свечена заклетва како нов претседател на Зимбабве, неколку дена откако долгогодишниот автократски лидер Роберт Мугабе поднесе оставка под притисок на армијата. Десетици илјади луѓе излегоа на улиците на Хараре да го поздрават новиот претседател.

САУДИСКА АРАБИЈА - Саудискиот принц престолонаследник Мухамед бин Салман за Њујорк тајмс изјави дека иранскиот врховен верски водач, ајатолахот Али Хаменеи е новиот Хитлер на Блискиот Исток. Бин Салман, кој е и саудиски министер за одбрана, оцени дека е потребно спротивставување на експанзијата на Исламската Република Иран.