Македонската и бугарската влада заедно во Струмица, Заев и Борисов нема да се мешаат во црквата, Лукашенко ѝ рече НЕ на ЕУ...

МАКЕДОНИЈА - Македонскиот премиер Зоран Заев и неговиот бугарски колега Бојко Борисов, во друштво на струмичкиот владика Наум, во Струмица. Тројцата разговараа за предлогот на МПЦ-ОА до Бугарската црква за црквоно мајчинство. Како влади и како политичари го почитуваме секуларниот карактер и не сакаме воопшто да се мешаме во работата и соработката на двете цркви, но ги охрабруваме да се изнајде решение во духот на добрососедството и пријателството, порачаа Заев и Борисов. Бугарската православна црква ќе го разгледува барањето на МПЦ-ОА да ѝ стане црква-мајка откако ќе го слушне мислењето и на другите цркви, вели бугарскиот митрополит Варненски и Великопреславски Јован, пренесе БТА.

МАКЕДОНИЈА - Поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, оди на распит во Основниот суд Скопје 1. Овој суд го прифати обвинението за случајот Топлик на Специјалното јавно обвинителство. Во Топлик обвинети се шест лица, меѓу кои и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески за продажбата на градежна парцела за изградба на населбата Сончев Град во скопско Сопиште.

МАКЕДОНИЈА - Главната расправа за предметот на Специјалното јавно обвинителство Таргет-Тврдина е закажана за 22 декември, соопшти Основниот суд Скопје 1. Во споениот предмет Таргет - Тврдина обвинети се поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, кои се во притвор во Грција, како и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков и шефот на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски.

БЕЛГИЈА - Лидерите на ЕУ закажаа состанок со цел продлабочување на врските со шест источни соседи на ЕУ. Таканарешеното Источно партнерство е дизајнирано да ја зајакне трговијата и да ги промовира европските вредности во Ерменија, Азербејџан, Белорусија, Грузија, Молдавија и Украина. За првпат е поканет лидерот на Белорусија Александар Лукашенко, но тој најави дека ќе го прескокне собирот.

ИРАК - Ирачката војска соопшти дека почнува голема операција за расчистување на западната пустина во близина на границата со Сирија од борци на Исламската држава. Операцијата ја спроведуваат ирачката армија, федералната полиција и Народните мобилизациски сили, кои имаат поддршка од Иран. Целта е да не им се дозволи на преостанатите милитанти да се реорганизираат и да ја користат пустината како база за нови напади.

ЗИМБАБВЕ - Новиот претседател на Зимбабве, 75-годишниот Емерсон Мнагагва, кој утре треба да положи заклетва, е под санкции од САД, поради неговите активности за време на владеењето на досегашниот претседател Роберт Мугабе. Мнагагва е на мета на американските санкции поради поткопување на демократските процеси или институции, како и поради „насилство и прекршување на човековите права на политичките противници

МАКЕДОНИЈА - Македонската фудбалска репрезентација бележи нов напредок на ФИФА рејтинг листата. На ноемвриското рангирање објавено денеска од страна на Светската фудбалска федерација, црвено-жолтите се најдоа на 76 место што претставува скок за девет позиции во однос на минатиот месец. Прогресот на македонската репрезентација се должи на победата над Норвешка во пријателскиот дуел во Скопје (2:0).

ФРАНЦИЈА - Французин кој имал изгореници на 95 отсто од кожата преживеал благодарејќи на пресадување на кожата од неговиот браз близнак, соопшти болницата во Сент-Луј во Париз. Здравиот брат нема да има лузни, туку малку поинаква пигментација. Ова е прв пат да се пресади кожа на 95 отсто од површината, вели хирургот, Морис Мимун. Претходно имало пресадувања до 68 отсто од површината.