Груевски во СЈО, Доживотна за Младиќ, Москва му се налути на Гугл, Дачиќ го бира Косово пред ЕУ...

МАКЕДОНИЈА - Специјалното јавно обвинителство отвори нова предистражна постапка за земена провизија поврзана со електрична енергија, изјави специјалната обвинителка Катица Јанева. Таа во изјава за медиумите, пред седиштето на СЈО, истакна дека во оваа фаза во својство на сведок денеска бил испрашуван и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски. Таа повеќе детали за овој случај не откри, освен дека за предистражната постапка се повикуваат и други лица и дека во СЈО се водат слични други финансиски истраги. Груевски тврди дека СЈО незаконски го повикало на распит, но оти дошол за да не испадне дека одбегнува да одговори на прашањата.

МАКЕДОНИЈА - Два прислушувани разговора, од кои едниот необјавен, ќе можат да се користат како доказ во судската постапка за предметот Титаник 2 на Специјалното јавно обвинителство, одлучи Апелациониот суд - Скопје. Во една од снимките што беше јавно објавена се слуша разговор меѓу поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков и лидерот на ДПА Мендух Тачи во кој тие се договараат за гласање во однос на поднесени приговори за изборите во ДИК.

МАКЕДОНИЈА - Условна казна од шест месеци доби еден од обвинетите во предметот Таргет - Тврдина на СЈО, кој во постапката самоиницијативно ја признал својата вина. Ова е прва правосилна пресуда за предмет што го води ова обвинителство . СЈО соопшти дека во овој предмет е раздвоена кривичната постапка за осуденото лице, чиј идентитет не се соопштува, а за кое, врз основа на признание на вина, е донесена пресуда на 17 ноември. Во споениот предмет таргет - Тврдина обвинети се и поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, како и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков и шефот на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски.

ХРВАТСКА - Македонската министерка за одбрана Радмила Шеќеринска и хрватската претседателка Колинда Грабар - Китаровиќ позираат за хрватските медиуми. Шекеринска се сретна со Китаровиќ, за време на нејзината дводневна официјална посета на Хрватска, а на покана на нејзиниот хрватски колега, министерот Дамир Крстичевиќ.

СРБИЈА - Жители на селото Лазарево, на 50 километри од Белград, каде беше пронајден и уапсен генералот Ратко Младиќ, гледаат ТВ пренос од изрекувањето на пресудата за генералот во Хаг. Трибуналот на Обединетите нации во Хаг оцени дека поранешниот командант на босанските Срби, Ратко Младиќ, е виновен за 10 од 11 точки од обвинението за воени злосторства и злосторства против човештвото, вклучувајќи и геноцид. Тој е осуден на доживотен затвор. Претходно Младиќ беше отстранет од судницата во Хашкиот трибунал, откако без дозвола од судијата почна да вика Лаги, и да му се противи на судот, кој во моментов ја изрекува пресудата против него.

АРГЕНТИНА - Полноправното членство во Европската унија претставува апсолутен надворешно-политички приоритет на Белград, но Србија нема да ја признае независноста на Косово за да стане членка на Унијата, изјави во Буенос Аирес српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ.

РУСИЈА - Насловна страница од магазинот Економист на која е рускиот претседател во руска царска облека. Токму во негови раце сега е и чека на негов потпис законот што го донесе Рускиот Совет на Федерацијата, а кој закон ќе и овозможи на владата да ги прогласи медиумите финансирани од странство за странски агенти и да воведе ограничувања за нив. Горниот дом на парламентот го донесе законот едногласно, со 154 гласови за и само еден воздржан.

ЈУЖНА КОРЕЈА - Луѓе во Јужна Кореја гледаат обраѓање на американскиот претседател Доналд Трамп на телевизор во излог. САД воведоа нови санкции врз голем број севернокорејски компании за бродски транспорт, како и врз некои кинески трговски фирми. Ова претставува најнов обид да се изолира Пјонгјанг поради неговата програма за развој на нуклеарно оружје. Одлуката на американското Министертво за финансии уследи ден откако САД ја вратија Северна Кореја на списокот држави кои финансираат терористички активности. Во спиокот се и четири кинески фирми

РУСИЈА - Москва се закани дека ќе му возврати на Гугл ако им даде помало значење во резултатите од пребарувањето на текстовите од руските медиуми Спутник и РТ, објави руската новинска агенција Интерфакс. Претседателот на рускиот медиумски регулатор Роскомнадзор, Александар Жаров, за Интерфакс изјави дека пред два дена испратиле писмо до Гугл, во кое бараат објаснување на изјавите на Ерик Шмит, директор на фирмата-мајка на Гугл, Алфабет, кој рече дека Гугл работи на... намалување на рангот на руските онлајн медиуми.