Втор круг локални избори во Косово

Гласање на вториот круг од локалните избори на Косово

Граѓаните на Косово гласаат на вториот круг од локалните избори, кои се сметаат за уште еден чекор во напорите за зацврстување на косовските демократски капацитети. Изборите се одржуваат во половина од 38-те општини во земјата, вклучително и во главниот град Приштина, каде што градоначалниците и советниците не беа избрани во првиот круг минатиот месец. Во првиот круг што се одржа на 22 октомври, кандидатите на Демократската лига на Косово (ЛДК) освоија повеќе од 50 отсто од гласовите во 4 општини, избегнувајќи го вториот круг од изборите. Кандидатите на Демократската партија на Косово (ПДК) и Алијансата за иднината на Косово (ААК) беа избрани за градоначалници во две општини, додека српската листа ги освои градоначалничките места во осум општини. Независни кандидати беа избрани за градоначалници во две општини. Одѕивот изнесуваше околу 44 проценти. Мисијата за набљудување на изборите на Европската унија соопшти дека изборите биле "навистина конкурентни, а атмосферата на кампањата била мирна" во општините со мнозинско албанско население, "дозволувајќи им на бројните кандидати слободно да ги пренесат своите пораки до гласачите". Сепак, Мисијата наведе дека постои "длабоката загриженост" за текот на демократскиот процес во многу заедници на косовските Срби, каде што кампањата била "нарушена со заплашувања".