СЈО се приклучува во следењето на комуникациите

Специјалното јавно обвинителство. обвинителките Катица Јанева, Фатиме Фетаи и Ленче Ристоска.

Владата на вчерашната седница одлучи претставници од Специјалното јавно обвинителство да се вклучат во работната група за реформи во следење на комуникациите.

„Владата ја разгледа и усвои предлог-одлуката за дополнување на Одлуката за формирање работна група за изготвување и следење на имплементацијата на планот на препораките од Прибе во врска со следењето на комуникациите“ соопштија од Владата.

Според владата, оваа одлука е донесена откако е увидена потребата во работната група да бидат вклучени и претставници од Специјалното јавно обвинителство, од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, како и експерти од земјата и странство, кои ќе се повикуваат по потреба.

Ова значи дека СЈО треба да даде свое мислење како треба да се користат посебените истражни мерки со следење на комуникациите, која институција ќе дава наредби, која ќе ги извршува наредбите, како ќе се гарантираат човековите права, како ќе се обезбеди правична постапка и како ќе се ограничи моќта на власта од можни злоупотреби на системите за политички или лични цели.

Пред вклучувањето на СЈО, владата формираше работна група за изготвување и следење на имплементација на планот на препораките од Прибе во врска со следењето на комуникациите од 2015- та година.