Ратификација на договорот со Бугарија, Нови директори во Скопје, САД загрижени за рускиот план за странските медиуми, Грците во очај по поплавите...

БУГАРИЈА - Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија ќе биде ратификуван до крајот на годината, рече премиерот Зоран Заев во интервју за Бугарската национална телевизија БТВ. Тој вели дека Македонија и Бугарија не се само пријатели, туку оти станале и сојузници. Во однос на историските прашања што ги засега двете земји, Заев рече дека во учебниците веќе не се говори за бугарскиот фашистички окупатор и оти македонското општество го осудило уништувањето на споменикот на Кајмакчалан зашто тоа предизвикало страдање кај Бугарите

МАКЕДОНИЈА - Кристијан Чушков е нов директор на ЈСП Скопје, Душко Весковски на ЈП Водовод и канализација, а Сенад Смаиловиќ на ЈП Улици и патишта. Новите директори на јавните претпријатија ги назначи скопскиот градоначалник Петре Шилегов.

РУСИЈА - Официјалниот претставник за Русија и Западен Балкан од одделението за јавна дипломатија во НАТО, Роберт Пшчел, оцени дека регионот се движи во вистинска насока бидејќи сите земји сакаат да станат членки на ЕУ. Според него, ЕУ е посакувана цел на сите во регионот, НАТО само за некои, но, сепак, како што рече, никој не е исклучен. Тој истакна дека НАТО има позитивна агенда за Западен Балкан и дека неа тајни планови и идеи.

ГРЦИЈА - Грците се во очај и неверување по поплавите во кои загинаа најмалку 15 лица и оставија стотици семејства без домови. Многумина го обвинуваат системот кој, како што велат, дозволил да се градат куќи на исушени речни корита. Во градовите Неа Перамос и Мандра, западно од Атина, натрупани автомобили и парчиња мебел лежат на патиштата и во внатрешноста на домовите, извалкани во густата кал, по беснеењето на водата. Властите чекаат поволни услови за проценка на штетата.

ЗИМБАБВЕ - Армијата на Зимбабве соопшти дека разговарала со 93-годишниот претседател Роберт Мугабе за негово заминување, додека апси луѓе блиски до него и до неговата 52-годишна сопруга Грејс. Мугабе прв пат се појави во јавноста, откако беше ставен во домашен притвор. Тој присуствуваше на церемонија за доделување дипломи, но таму не се појави неговата сопруга.

АВГАНИСТАН - Околу 3000 дополнителни американски војници се распоредиле во Авганистан во соласност со ревидираната политика на претседателот Доналд Трамп за таа со војна зафатена земја, соопшти Пентагон. Главниот командант на американските сили во Авганистан Џон Николсон претходно изјави дека во Авганистан се неопходни над 16 илјади војници со цел да функционира тамошната мисија која се остварува заедно со НАТО во обука на авганистанските сили против талибанските бунтовници.