Хан: Датумот за членство во ЕУ е амбициозен, но остварлив

Србија и земјите од регионот можно е да станат членки на Европската унија и поскоро од што се очекува, а како функционер што се занимава со овој процес секојдневно, сметам дека 2025 година е „амбициозен, но остварлив рок“ за пристапување на нови членки во Унијата, наведе еврокомесарот за проширување и добрососедска политика Јоханес Хан. Тој, на заедничката прес-конференција со српската премиерка Ана Брнабиќ и високата претставничка на Унијата за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини, што беше одржана по завршувањето на седницата на Советот за стабилизација и асоцијација на ЕУ и Србија посочи дека, севкупните преговори за пристапување во ЕУ треба да бидат завршени до 2023 година, бидејќи потоа следи постапката за ратификација во земјите-членки и Европскиот парламент. Еврокомесарот најави дека Европската комисија во февруари ќе постави стратегија за асоцијација, што ќе се однесува на перспективата за проширување на сите земји во регионот.