ОБСЕ ја охрабрува Македонија, Бутарис во Скопје, Нови жртви во Грција, Москва и Киев ќе разменуваат затвореници за сепаратисти...

МАКЕДОНИЈА - Премиерот Зоран Заев и градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис, во Скопје. Доколку соработката меѓу луѓето во Македонија и Грција е добра, тогаш може да се решат многу прашања, како што е и спорот за името. Политичарите во двете земји можат да излезат како победници ако го решат спорот, истакаа Заев и Бутарис по нивната средба.

МАКЕДОНИЈА - Охрабрување за реформскиот процес, благодарност за досегашната соработка, но и лично признание до премиерот Зоран Заев за успешното надминување на политичката криза упати генералниот секретар на ОБСЕ, Томас Гремингер при посетата на Македонија и по средбата со македонскиот премиер. Мисијата на ОБСЕ останува тука и ја нуди својата поддршка во натамошните напори за реформите и натамошната соработка, истакна Гремингер.

МАКЕДОНИЈА - Според последните податоци на УНИЦЕФ, околу 250 деца во Македонија, од кои 70 се помали од три години, не живеат со семејство. Поради тоа итно треба да се обезбедат услови секое дете во земјата да расте во безбедна и грижлива семејна средина. Ова е заклучокот на конференцијата За секое дете, семејство. Оваа проблематика е дел и од владината програма, според која, заложбата на Владата е до 2020 година да се стави крај на сместувањето на деца под 3-годишна возраст во големи институции.

МАКЕДОНИЈА - Ако економскиот раст на Западниот Балкан продолжи со ова темпо, нивото на европските приходи ќе ги достигне за 60 години, но доколку земјите од регионот поработат на структурни реформи и го зголемат растот на 5 до 6 проценти, таквото приближување во приходите е можно да се намали на 20 години, изјавија од Светската банка. Според извештајот, шесте земји од Западниот Балкан во наредната година ќе забележат просечен раст од 3,3 проценти. Причината за значителното забавување на економскиот раст годинава во Македонија се должи на политичката криза која негативно се одрази врз инвестициите, наведува Светската банка.

МАКЕДОНИЈА - Министерката за одбрана, Радмила Шеќеринска, со високи офицери на Полкот за специјални операции на АРМ. Министерката го посети Полот во касарната Илинден во Скопје, каде специјалните армиски сили Волци изведоа показна вежба.

СРБИЈА - земјите од регионот можно е да станат членки на Европската унија и поскоро од што се очекува, а како функционер што се занимава со овој процес секојдневно, сметам дека 2025 година е амбициозен, но остварлив рок за пристапување на нови членки во Унијата, наведе еврокомесарот за проширување и добрососедска политика Јоханес Хан при неговата посета на Србија.

УКРАИНА - Карикатура на карикатуристот Сергеј Елкин, насловена инсајдер. Украинската служба за безбедност денеска соопшти дека ги поздравува сите чекори на Русија, кои ќе ја олеснат размената на луѓе што ги држат Киев и сепаратистите во Источна Украина кои имаат поддршка од Москва. Украинската служба за безбедност ова го соопшти откако рускиот претседател Владимир Путин на сепаратистичките лидери од Доњецк и од Луганс им кажа дека се залага за план за размена на затвореници со Киев.

САД - Американскиот претседател Доналд Трамп пие вода за време на неговото обраќање за азиската турнеја. Американскиот претседател Доналд Трамп оцени дека неговата турнеја во Азија покажала оти позицијата на Соединетите Држави во светот никогаш не била посилна, а странските земји со чии претставници се сретнал покажале голема почит кон САД.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Британскиот министер за надворешни работи Борис Џонсон и Ричард Ретклиф, сопругот на британско-иранската хуманитарка Назанин Загари Ретклиф, по нивната средба во лондон. Велика Британија се подготвува да му префрли над 400 милиони фунти на Иран, додека бара ослободување на затворената хуманитарка Назанин, објави британскиот весник Телеграф.

ГРЦИЈА - Маж и помага на жена да ја премине поплавената улица во градот Мандра, во близина на Атина, по големите поплави и невремето што ја зафатија Атика. Седумнаесет лица досега настрадаа од поплавите во грчката област Атика, говорат последните официјални информации. Пожарникарите бараат шест исчезнати лица, објавија локалните медиуми.

ЗИМБАБВЕ - Насловна страница од весник во Хараре, на која стои наслов дека претседателот на Зимбабве е во домашен притвор. Тензиите во Зимбабве се големи откако армијата ја презеде контролата врз главниот град Хараре, во, како што рекоа, операција против криминалците околу претседателот Роберт Мугабе.