Рекордно производство на опиум во Авганистан

Поле со афион во Авганистан

Производството на опиум во Авганистан е зголемено за 87 отсто во споредба со 2016 година и достигна „рекордно ниво“ од 9 илјади тони. Ова се наведува во последното истражување за авганистанскиот опиум на тамошното Министерството за борба против наркотици и Канцеларијата на ОН за дрога и криминал(УНОДЦ).

Авганистан е најголем производител на афион од кој се произведуваат опиум и хероин.

Во истражувањето се наведува дека оваа година се уништени 750 хектари засадени со афион, што е двојно повеќе од минатата година. Сепак, посевите со афион достигнаа рекордно ниво од 328 илјади хектари, што е 63 проценти повеќе споредено со минатата година кога имаше 201 илјади хектари под афион.

Исто така има и зголемување на приносот за 15 отсто, што исто така придонесува за зголеменото производство.

Вкупната вредност на произведениот опиум кој се продава од земјоделците се проценува на 1,4 милијарди американски долари, што е околу 7 проценти од БДП-то на Авганистан, се наведува во извештајот.