Најмалку петмина загинати во поплавите во Грција

Последици од поплавите во Мандра

Најмалку пет лица, две жени и тројца мажи, загинале во поплавите во областа на градот Мандра во близина на Атина, додека многумина сè уште се заглавени во своите домови во Неа Перамос, Мегара и Магула.

Поради поплавите затворени се и повеќе училишта.

Премиерот Алексис Ципорас на Твитер изрази жалење за жртвите и на одговорните власти им нареди да преземат брза акција за ублажување на последиците од штетата предизвикана од катастрофата.

Патиштата во Неа Перамос, кој се наоѓа на 27 километри западно од Атина, се претворени во реки од кал, а во исто време градоначалникот Григорис Стамулис за телевизијата Антена изјави дека „практично целиот град е поплавен“.

Тој додаде дека во тек се спасувачки операции за извлекување на луѓе кои се заглавени во нивните автомобили и домови, додавајќи дека верува оти никој не е во животно загрозувачка опасност.

Грчките телевизии емитуваат снимки од луѓе кои од поплавата избегале на балконите и крововите од своите домови, додека властите добиле 160 повици за помош.

Грција вчера прогласи вонредна состојба на островот Сими кој беше зафатен од бура поради која беше прекината струјата и водата, многу домови беа поплавени, а голем број возила завршија во морето.