ЕУ ѝ воведе санкции на Венецуела

Архивска фотографија: Опозициски протести во главниот град на Венецуела, Каракас, на 22 јули 2017

Европската унија донесе забрана за продажба на оружје на Венецуела, но и за замрзнување имот и ограничување на патувањата на одредени венецуелски функционери, соопштија шефовите на дипломатиите на земјите членки на ЕУ денеска во Брисел.

Со забраната за продажба на оружје треба да запре продажбата на воена опрема која може да биде употребена за репресија и надзор врз граѓаните на Венецуела, наведува новинската агенција Асошиејтед прес.

Во соопштението од ЕУ се наведува дека мерките може да бидат укинати во зависност од тоа како претседателот на Венецуела Николас Мадуро ќе реагира на барањата за зајакнување на демократијата во неговата земја.

Американските власти минатата недела воведоа нов пакет санкции против десетмина венецуелски функционери обвинети за поткопување на изборниот процес во земјата, цензура на медиумите и корупција.