Џолев - Нема да дозволам политички притисок врз судиите

Иван Џолев, претседател на Кривичниот суд

Нема да дозволам политички притисок врз судиите, а од нив ќе барам да работат согласност законите, изјави новоизбраниот претседател на Основниот суд Скопје 1, Иван Џолев, денеска по давањето свечената заклетва во Судскиот совет.

Џолев очекува заедно со судиите и со судската служба да ги поправат состојбите во судството за да се врати угледот на Судот.

Тој најави промени и преструктуирање, но како што рече, тоа ќе биде на општо задоволство на сите.

Џолев рече дека ако се утврдат проблеми во распоредувањето на случаите преку АКМИС-системот, ќе има интервенција.

Со давањето свечена заклетва, Џолев и официјално ја презема функцијата прв човек на Кривичниот суд.

Судскиот совет на 8 ноември со 11 гласа „за“ и два „против“ го избра Џолев за претседател на Основниот суд Скопје 1.

За ова место се кандидираа и судиите Владимир Панчевски, Ивица Стефановски, Верка Петковска, Осман Шабани, Ѓоко Ристов и Весна Димишкова.

Џолев доаѓа на местото на доскорашниот в.д. претседател на Кривичен суд Стојанче Рибарев кој, поднесе оставка поради лични причини.