Пожар на Градежен, Македонија и Грција да учат од Франција и Германија, Путин ќе го чека Трамп во Виетнам...

МАКЕДОНИЈА - Пожарникари го гасат големиот пожар што избувна на Градежниот факултет во Скопје. Во пожарот нема повредени. Причинета е голема материјална штета, односно се уништени покривот и три кабинети, а делумно се оштетени два кабинета на факултетот.

МАКЕДОНИЈА - Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров и неговиот црногорски колега Срѓан Дармановиќ на прес-конференција во Скопје. Димитров изјави дека Македонија треба да го фати возот на Црна Гора на патот кон ЕУ и НАТО. Тој на новинарско прашање за најновите состојби во врска со спорот со Грција за името одговори дека „Македонија е подготвена да разгледа предлог за формирање комитет за ревизија на учебниците по историја, доколку е на паритетна основа и дека кога две држави решиле да се зближат и да ги надминат разликите, корисно е да се учи од примерите на држави како Франција и Германија и Полска и Германија“.

МАКЕДОНИЈА - Началниците на Генерелштабовите на војските на Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Македонија, Црна Гора и претставникот на Европската комадна на САД (ЕУКОМ) потпишаа меморандум за продлабочување на воената соработка меѓу потписниците на Јадранската повелба. На конференцијата се расправаше и за проширување на соработката меѓу државите од А-5 за целосна НАТО интеграција и придонес за безбедноста на Алијансата.

МАКЕДОНИЈА - Околу 850 работници од Фени протестираа со блокада на патот Градско - Прилеп со барање неколкуте банки доверители да се повлечат и Фени да не оди во Стечај.

БЕЛГИЈА - Фрагмент од заедничката фотографија на учесниците на министерскиот состанок на министрите за одбрана на членките на НАТО. На првиот ден од состанокот, НАТО сојузниците ги поддржаа плановите за два нови командни центра кои ќе помагаат за заштита на Европа во случај на конфликт со Русија.

КИНА - Фотографија од рацете на кинескиот претседател Си Џипинг и американскиот претседател Доналд Трамп пред да се ракуваат по официјалната прес конференција за време на посетата на Трамп на Кина. По посетата на Кина, Трамп на 10 ноември ќе оди на Азиско Пацифичкиот економски самит во Виетнам, каде, според најави од Кремљ, најверојатно ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин.

БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА - Маж скока во реката Неретва во градот Мостар. Со само еден скок без аплауз и со фрлање цвеќиња во реката, жителите на Мостар ја одбележаа 24-годишнината од уривањето на Стариот мост за време на босанската војна.

КИНА - Ученици мафтаат со кинески и американски знаменца на испраќањето на првата дама Меланија Трамп и американскиот претседател Доналд Трамп по посетата на нивното училиште во Пекинг. Трамп е на азиска турнеја на која, меѓу другото, ќе се обиде да собере што повеќе сојузници во обидите за зауздување на севернокорејската нуклеарна политика.