Димитров: До крајот на ноември средба на преговарачите за спорот за името

До крајот на овој месец ќе се одржи средба на ниво на преговарачи во врска со спорот за името. При крај сме со утврдување на датумот. Во оваа прва фаза нема да има посета на медијаторот Метју Нимиц на регионот. Најверојатно тоа ќе биде овој месец и штом сето тоа се дефинира ќе информираат од канцеларијата на медијаторот. Ова го изјави шефот на македонската дипломатија Никола Димитров на денешната прес-конференција во Владата на која беше најавено одржување на дигитален Самит на Западен Балкан, чиј домаќин следната година ќе биде Република Македонија.

Коментирајќи ја изјавата на американскиот заменик-помошник државен секретар Хојт Брајан Ји дека решавањето на прашањето на спорот со името е досега најблиску до изнаоѓање решение, Димитров посочи дека постои обид да се создаде една позитивна клима, која според него, се должи на научената лекција со Македонија која беше оставена долго време да чека во чекалната на ЕУ.

„Многу поважно е што се прави отколку што се најавува. Генерално нашата политика е да одземеме аргументи на оние кои би сакале блокадата на нашиот европски евроатлантски пат да остане. Разликата на сегашната надворешна политика во однос на претходната е што претходната за жал даваше аргументи на оние политички сили кои не се посебно заинтересирани да се отворат вратите за Македонија. Ние сме заинтересирани да нема такви аргументи, не само да не даваме туку и да одземаме аргументи,“ порача Димитров.