Итни мерки за аерозагадувањето, Корејска магла за Трамп, Прва трансродова пратеничка во САД...

МАКЕДОНИЈА - Министерот за животна средина Садула Дураки и неговиот заменик Јани Макрадули на средба за аерозагадувањето со градоначалникот на Скопје Петре Шилегов и градоначалниците на скопските општини. Владата и локалните власти излегоа со серија краткорочни и долгорочни мерки во борбата со загадувањето.

МАКЕДОНИЈА - Судскиот совет го избра судијата Иван Џолев за нов претседател на Основниот суд Скопје 1. Конкуренти му беа судиите Владимир Панчевски, Ивица Стефановски, Верка Петковска, Осман Шабани, Ѓоко Ристов и Весна Димишкова.

ЈУЖНА КОРЕЈА - Американскиот претседател Доналд Трамп со американските војници во базата на САД во Јужна Кореја. Трамп бил принуден да ја прекине својата ненадејна посета на демилитаризираната зона која ги дели двете Кореи. Според официјалните информации, хеликоптерот со кој се превезувал американскиот претседател бил вратен од пат кон зоната поради густа магла.

РУСИЈА - Фотографија од картонската кутија со 2 милиона долари во готовина. Руското Обвинителство тврди дека тие пари биле поткуп за поранешниот министер за економски развој Алексеј Уљукаев, кому му се суди за корупција.

БЕЛГИЈА - Американскиот секретар за одбрана Џим Матис (лево) и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на состанокот на министрите за одбрана на земјите-членки на НАТО во Брисел. На дводневниот состанок ќе се расправа за можностите за проширување на трупите на Алијансата во Авганистан.

КИНА - Деца со американски и кинески знамиња и почесната кинеска воена гарда на пречекот на американскиот претседател Доналд Трамп при пристигнувањето во Кина. Трамп е на азиска турнеја за сојузништво во зауздувањето на Северна Кореја поради нејзините нуклеарни закани. Според експертите, Трамп во Кина ќе ја има најтешката задача - да го убеди кинескиот претседател Си Џипинг да влијае на Пјонгјанг.

САД - Фотографија од демократката Даника Рем, првата трансродова пратеничка во САД. Таа, по победата над републиканскиот противкадидат Боб Маршал, била избрана за член на Парламентот на сојузната држава Вирџинија. Во својот прв говор во Парламентот на Вирџинија таа се фокусирала на дебата за нови работни места, за сообраќај и за образование, а помалку на нејзиниот родов идентитет. Терапијата за промена на полот ја почнала пред пет години, на 28-годишна возраст. Рем во слободното време пее во метал бенд.

САД - Компанијата Твитер ја зголеми максималната должина на пораките, односно твитовите, од 180 на 240 карактери. Зголемувањето не важи за пораките на кинески, јапонски и за корејски јазик, кои ќе бидат ограничени на 140 карактери, бидејќи за пишување на тие јазици се користат помалку карактери.