ОЈО поднесе обвиненија против 10 лица за обид за убиство на Зијадин Села

Илустрација-основно јавно обвинителство во Скопје

Основното јавно обвинителство Скопје денеска до Основниот суд Скопје 1 Скопје, поднесе обвинение против десет лица за обид за убиство на пратеникот Зијадин Села за време на насилствата во Собранието од 27 април годинава.

„Обвинетите сите заедно, како и со други лица за кои до овој момент не е утврден идентитетот, се обиделе да го лишат од живот оштетениот Зијадин Села. Дел од обвинетите користеле тврди предмети кои ги фрлале кон оштетениот и притоа му нанеле животно загрозувачки повреди. Останатите пак, со употреба на удари, клоци и тупаници го извршиле кривичното дело за кое се товарат“, се наведува во соопштението од скопското Обвинителство.

Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје заедно со Обвинителниот акт поднесе и предлог за продолжување на мерката притвор за деветмина од обвинетите, а за еден од нив предлог за продолжување на мерката куќен притвор.

„Обвинителството цени дека постојат законските основи за продолжување на побараната мерка за обезбедување, бидејќи постојат основи за можно бегство на обвинетите, за влијание врз сведоци, како и за довршување на кривичното дело за кое се обвинети“, стои во соопштението.​

Обвинението е поднесено по завршување на сеопфатната истражна постапка и прибирање на сите докази во предметот, за сторено кривично дело Убиство од член 123 став 1 во врска со член 19 во врска со член 22 од Кривичниот законик.