Затворска казна за Романците кои работат со бормашина во време за одмор

Илустрација

Луѓето кои го нарушуваат мирот на соседите во Романија меѓу 22 и 8 часот наутро и меѓу 13 и 14 часот попладне ризикуваат да бидат осудени на затворска казна до две години, јавуваат романските медиуми.

Тоа се предвидува во новиот закон претставен од Министерството за внатрешни работи.

Затвор во траење од три месеци до две години се предвидува со нацрт-законот за лица кои слушаат гласно музика, дупчат со бормашина или предизвикуваат друг интензивен звук, откако претходно ќе бидат предупредени од полицијата. Ограничување на бучавата важи и за организирање свадби и други настани во приватен дом или канцеларии на фирми кои се близу до станбени простории на приватни лица.

Досега законот предвидуваше само парични казни за таков вид непочитување.