Судскиот совет на 8 ноември ќе одлучува за претседател на Кривичен

Стојанче Рибарев, В.д. претседателот на скопскиот Кривичен суд

Судскиот совет на Република Македонија идната недела ќе одржи седница на која ќе биде разгледана оставката на в.д. претседателот на Основниот суд Скопје 1, Стојанче Рибарев.

На дневен ред на седницата, која е закажана за 8 ноември, е усвојувањето конечнa ранг листa на кандидатите за претседател на Основен суд Скопје 1 Скопје, а ќе биде донесена и одлука за избор на претседател на Кривичниот суд.

В.д. претседателот на скопскиот Кривичен суд, Стојанче Рибарев најпрво замина на боледување, а потоа на 25 октомври си поднесе оставка од лични причини, a во меѓувреме со судот раководи судијката Дијана Груевска Илиевска која го заменува Рибарев.

За местото претседател на овој суд се кандидираа поранешниот претседател, Владимир Панчевски, и судиите Иван Џолев, Весна Димишкова, Оља Ристова, Ивица Стефаноски, Ѓоко Ристов, Верка Петковска и Осман Шабани.

Основниот суд Скопје 1 веќе речиси една година нема претседател, откако на почетокот на декември минатата година му истече мандатот на Владимир Панчевски, кој во изминатиот период добива критики за лошите состојби во судот, а неодамна во неговата канцеларија и во неговиот дом СЈО изврши претрес во врска со предистражна постапка што ја води ова обвинителство.