Јавна расправа за предлог-буџетот пред да се достави во Владата

Министерот за финансии Драган Тевдовски

Министерството за финансии веќе го подготви предлог буџетот и тој пред да се достави на разгледување во Владата ќе биде претставен пред јавноста. Министерот за финансии, Драган Тевдовски, најави дека в четврток ќе биде организирана јавна дебата на која ќе се претстават контурите на предлог-буџетот за 2018 година.

„Законска обврска на Владата е Предлог-буџетот да го достави до Собранието до 15 ноември. Првпат досега ќе се организира јавна дебата на која ќе ги претставиме контурите на предлог буџетот за наредната година“, изјави Тевдовски одговорајќи на новинарски прашања по одбележувањето на Светскиот ден на штедењето организирано од Здружението на банкарство при Стопанската комора.

Покрај дебата, како што рече, договорена е средба и со коморите за да ги слушнат нивните мислења во однос на подготвениот предлог буџет, како и на невладините организации и синдикати.

Откри само дека се планира буџетскиот дефицит да биде понизок од тој годинава и оти е проектиран на 2,8 проценти.