Коцијанчич: Изборите им даваат чист мандат на новите градоначалници

Портпаролката на Европската комисија (ЕК) Маја Коцијанчич.

Локалните избори во Македонија им даваат чист мандат на новите градоначалници и советници за тоа како граѓаните сакаат да изгледаат локалните власти во нивните општини, оцени денеска портпаролката на Европската комисија (ЕК) Маја Коцијанчич во писмената изјава објавена на веб страната на ЕК, пренесува МИА.

Според неа, акцентот сега треба да се стави на придвижување на реформската агенда насочена кон ЕУ преку инклузивен процес, во интерес на сите граѓани.

„Изборите беа набљудувани од страна на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР која во својата првична изјава оцени дека двата круга беа конкурентни преку почитување на основните слободи, иако беа забележани одредени слабости“, вели Коцијанчич.

Таа вели дека забелешките и жалбите од учесниците на изборите, треба да се насочат кон релевантните институции.

„Важно е сите лидери да се однесуваат одговорно, за да ја зголемат довербата на граѓаните во државните институции и политичките процеси“, порача портпаролката на ЕК.