Груевски си го бара пасошот, но не лично

На денешната јавна седница во Апелационен суд во Скопје адвокатите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски побрале да му биде вратен пасошот. Груевски, кој е обвинет од Специјалното јавно обвинителство во неколку случаи не присуствуваше на седницата.

Според адвокатот Боро Тасевски, Груевски не покажал желба да бега и да се крие, туку напротив тој постојано е присутен во државата. Според него, не се работи за ограничување на правото на едно лице, туку на стотици илјади граѓани кои се членови на партијата, чиј лидер е Груевски.

Одбраната на Груевски побара од Судот при одлучување да се води од претходните искуства, кога на претседателот на СДСМ Зоран Заев му беше одземен пасошот, па вратен како обвинет во „Пуч“.

Обвинителите од СЈО бараат жалбата на адвокатите на Груевски да биде одбиена, бидејќи тој е обвинет за повеќе кривични дела и според нив неговото отсуство ќе доведе до одложување на процесот.

Апелацискиот суд во рок од 48 часа треба да донесе одлука по жалбата.