ЕУ - Србија да ги почитува европските стандарди за воените злосторници

Архивска фотографија: Генерал Владимир Лазаревиќ пред Хашкиот трибунал во 2014

Канцеларијата на високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини денеска соопшти дека ангажирањето на хашкиот осуденик, генерал Владимир Лазаревиќ за предавач на белградската Воена академија е во спротивност на европските стандарди.

„Очекуваме политичките лидери да ги почитуваат жртвите на воените конфликти и искрено да го промовираат помирувањето, кое е од суштинско значење за стабилноста, иднината и просперитетот на Западниот Балкан. Политичките лидери треба да ги предводат напорите за надминување на тешкото минато и конструктивно да ја поттикнуваат взаемната доверба, дијалогот и толеранцијата“, изјави портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич.

Во реакцијата се додава дека Србија како земја кандидат за членство во ЕУ, не може да отстапи од овие принципи и дека назначувањето на лице осудено за воени злосторства за предавач на Воената академија е спротивно на европските стандарди.

Хашкиот осуденик Владимир Лазаревиќ е поранешен командант на Приштинскиот корпус и на Третата армија на Војската на Југославија и веќе неколку дена држи предавања на Воената академија.

Хашкиот трибунал во јануари 2014 година правосилно го осуди Лазаревиќ на 14 години затвор за злосторства против човештвото, за помагање, поттикнување и присилна депортација на цивили, како и за помагање на кривични дела извршени за време на најсериозните злосторства против цивилите, вклучувајќи и масовни убиства во Косово во 1999 година.

За „случајот Лазаревиќ“ недамна во Белград реагираше и американскиот заменик-помошник државен секретар Хојт Брајан Ји, како и српската опозиција.