Назарбаев го потпиша указот за напуштање на кирилицата во Казахстан

Казахстанскиот претседател Нурсултан Назарбаев го потпиша указот со кој се уредуваат плановите земјата да го напушти кириличното писмо и официјално писмо на казахстанскиот јазик да стане латиницата.

Во указот, објавен денска на интернет страницата на претседателот, се наведува дека национална комисија ќе го спроведува постепеното преминување на латиница до 2025 година.

На овој потег се гледа како на обид за нагласување на казахстанската култура и дистанцирање на земјата од Русија.

Казахстан ја користи кирилицата скоро 80 години. Во 1929 година советските власти го заменија арапското писмо, кое го користеа муслиманските народи во Советскиот Сојуз со латиница, а во 1940 година, латиницата беше заменета со кирилица.

Поранешните советски републики Азербејџан, Туркменистан и Узбекистан ја заменија кирилицата со латиница уште во првите години по распадот на Советскиот Сојуз.