Трамп го одложи објавувањето на некои тајни документи за атентатот врз Кенеди

Ли Харви Освалд по атентатот врз претседателот Џон Кенеди во Далас, Тексас, 23 ноември 1963.

Американскиот претседател Доналд Трамп го одложи објавувањето на некои документи за атентатот врз претседателот Џон Кенеди во 1963 година. Сепак, Трамп одобри објавување на 2.800 други документи. Претставници на Белата куќа изјавија дека Трамп преку меморандум навел оти немал поинаков избор од и натаму некои документи да бидат држени во тајност поради загриженоста за националната безбедност изразена од страна на ФБИ и ЦИА. Притоа Трамп им наредил на овие агенции во наредниве шест месеци да ја преиспитаат содржината на овие документи. Се очекува да бидат објавени околу 3.000 документи кои никогаш досега не и биле покажани на јавноста и над 30.000 кои веќе се делумно објавени. Експертите не очекуваат во документите да има повеќе нови детали за тоа зошто Ли Харви Освалд пукал во Кенеди во Далас, Тексас на 22 ноември 1963 година.