Обвинителството почна истрага за ланското насилство врз студентите

Илустрација-зградата на Основно јавно обвинителство во Скопје

Основното јавно обвинителство презема дејствија поврзани со полициската интервенција врз студентите при минатогодишниот избор на претседател на Студентскиот парламент при Универзитетот Кирил и Методиј. Од обвинителството за Радио Слободна Европа потврдија дека седум лица биле повикани да дадат исказ и биле поднесени барања до надлежните институции да дадат дополнителни информации.

„Во моментов се уште не може да се зборува за осомничени лица, но обвинителството постапува во насока на откривање на елементи за сторени кривични дела по член 155 и член 143 од Кривичниот законик“ велат од обвинителството.

Членот 155 од Кривичниот законик, кој го споменуваат од обвинителството, се однесува на спречување или смеќавање јавен собир, а членот 143 на малтретирање во вршење на службата.

Ноќта на 30 јуни кон први јули минатата година, по изборите за нов претседател на Студентскиот парламент, претставници на Студентскиот пленум се собраа пред седиштето на организацијата да ги чекаат кутиите со гласачкиот материјал и пребројувањето на гласовите. Полицијата интервенираше и насилно ги тргна насобраните студенти.

Подоцна, во октомври минатата година, Хелсиншкиот комитет за човекови права поднесе кривична пријава до Основното јавното обвинителство против раководните службени лица во МВР кои дале наредба и униформирани полициски службеници (припадници на Единицата за брзо распоредување) кои ја извршиле наредбата.