Управниот суд уважи една од тужбите на ВМРО-ДПМНЕ

Локални избори 2017

Управниот суд уважи една од поднесените 28 тужби против приговорите на Државната изборна комисија за гласањето и сумирањете на резултатите од првиот круг од локалните избори. Станува збор за тужбата за подмитување гласачи на избори за членови на Советот на Град Скопје, на гласачкото место 2461 во општина Сарај.

По добивање на одлуката од Управниот суд ДИК треба да се изјасни дали прегласувањето во ова избирачко место ќе има влијание врз изборниот резултат и дали врз основа на тоа ќе има прегласување на ова избирачко место во Сарај.

Одлуките на Управниот суд се конечни. По одбиените приговори до ДИК, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ поднесе 24 тужби до Управниот суд, а по една поднесоа и ТМРО, Левица и Алијансата за Албанците.

По тужбите на партиите одлучуваа пет судечки совети составени од по пет судии, избрани по пат на жрепка. На 29 октомври ќе се одржи вториот круг од локалните избори за избор на градоначалници во 35 општини.