МВР демантира дека се прислушува раководство на ВМРО-ДПМНЕ

Министерството за внатрешни работи (МВР) демантира дека се прислушуваат членови на раководство на некоја политичка партија.

„Тоа не е точно. МВР ги отфрла како целосна невистина наводите изнесени во јавноста од една политичка партија. Времето на злоупотреби на МВР за партиски цели заврши со промената на власта. Во Министерството за внатрешни работи следењето на комуникациите се одвива исклучиво согласно процедурата пропишана во постојните законски и подзаконски акти“, наведува МВР во демантот.

Министерството напоменува дека во Собранието постојат две надзорни комисии чија функција е вршење надзор над работата на УБК и Агенцијата за разузнавање и над примената на посебните истражни мерки и тие, посочува МВР, во секој момент можат да извршат надзор и контрола над примената на овие мерки.

Претходно, Оливер Андонов од ВМРО-ДПМНЕ обвини дека МВР го прислушува врвот на неговата партија и побара „стручна експертиза, во која ќе бидат вклучени домашни и меѓународни експерти и кои ќе ја утврдат состојбата со следењето на комуникациите од страна на МВР“.