Управниот суд разгледа 19 тужби од партиите

Локални избори 2017

Судечките совети во Управниот суд во текот на вчерашниот ден на јавни седници разгледале 19 од вкупно поднесените 28 тужби од партиите против решенијата на Државната изборна комисија за приговорите за првиот круг од локалните избори што се одржаа во неделата. Разгледани се 16 тужби од ВМРО-ДПМНЕ, две од ТМРО и една од Левица. Од Судот информираат дека одлуките за 19-те разгледани тужби ќе бидат објавени во текот на денов по нивното техничко изготвување. Управниот суд денеска треба да ги разгледа и преостанатите тужби. Судечките совети на Управниот суд по овие тужби треба да се изјаснат 48 часа од нивното поднесување. По тужбите одлучуваат пет судечки совети составени од по пет судии од Управниот суд избрани со жрепка. Тужбите електронски им се распоредуваат на судиите, а одлучувањето ќе биде на јавни седници. Во меѓувреме тече кампањата за вториот круг од изборите. Вториот круг од локалните избори е на 29 октомври.