Автомобил излета на кружната трка во Скопје и удри во човек

Илустрација

На кружната автомобилска трка во Скопје, која се одржа денеска, автомобил излета и удри во човек на тротоар во близина на Македонската радио и телевизија кој ја следеше трката „Скопје круг 2017“. Трката беше во организација на АКК Примо АВЈ, а како што јавуваат медиумите повреден е Александар Димушевски, организатор на трката, кој по несреќата е однесен во болница. Tрката во четвртата дивизија беше прекината во 8-от круг поради излетувањето на Урош Бркиќ.

Вечерва со соопштение се огласи Автомобилистичката федерација на Македонија која изрази длабоко жалење и се огради од секаква одговорност, потенцирајќи дека трката била организирана од лица кои не се членови на АФМ. Од таму нагласуваат дека трката била органиизрана спротивно на сите правила на Федерацијата и како што пишуваат очигледно без задолжителни безбедносни мерки за организирање на вакви натпревари.

“Федерацијата укажа на сите органи кои ја поддржаа вака организираната трка, вклучително и Агенцијата за млади и спорт и Министерството за внатрешни работи, кои навремено беа известени дека трката се организира спротивно на правилата на АФМ и без никакви безбедносни мерки”, стои во соопштението на АФМ.

Од Автомобилистичката федерација изразија очекување во иднина, Агенцијата за млади и спорт и сите останати државни органи, како што велат, да не дозволат да се организираат натпревари од неовластени организатори, спротивно на правилата на Меѓународната автомобилистичка федерација (ФИА) чија членка е АФМ.