Спасовски очекува Грујевски и Бошкоски да бидат вратени во Македонија и да се открие кој им помагал

Архивска фотографија-министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска изјави оти очекува поранешниот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски и вработениот во УБК, Никола Бошкоски, по кои македонските власти имаат распишано меѓународни потерници, да бидат вратени во Македонија, но исто така да бидат откриени и лицата што им помогнале да побегнат.

"Јас очекувам дека тие ќе бидат вратени и дека ќе се изведат пред лицето на правдата во Република Македонија" рече Спасовски.

Прашан кога избегале Грујевски и Бошкоски, министерот за внатрешни работи кажа дека тоа било веројатно пред Апелациониот суд да ги донесе одлуките за нивен притвор.

"Заедно не само во соработка со колегите од Грција туку и со повеќе регионални служби ние успеавме да дојдеме до податоците за нив и на крајот да имаме успешна акција за нивно приведување", рече Спасовски.

Министерот не кажа кои биле нивните помагачи посочувајќи дека овие податоци не можат да бидат објавени бидејќи обвинителството се уште работи на случајот. Според Спасовски, не е само важно Грујевски и Бошкоски да бидат вратени во Македонија туку и да се открие кој им помогнал да излезат од Македонија и која им била логистиката во наредниот период.