Србија-двајца уметници приведени поради маски со ликот на Вучиќ

Илустрација- карикатура на претседателот на Србија Александар Вучиќ на српскиот карикатурист Предраг Кораксиќ Коракс

Српскиот уметник Владан Јеремиќ за Радио Слободна Европа вели дека во петокот вечерта бил приведен пред Музејот на современата уметност во Белград по изведувањето на уметничка акција во рамки на “Салон на непоткупливите”. Посетителите за време на акцијата биле повикани да станат “сендвичмен”, да стават маска со ликот на претседателот на Србија Александар Вучиќ и да делат флаери со сендвичи на гостите кои доаѓаат во музејот.

Јеремиќ за РСЕ вели дека полицаецот му рекол дека мора да го приведе затоа што користел фотографии од претседателот по што бил пренесен во полициска станица. По давањето на исказот, по час и половина Јеремиќ вели дека бил пуштен од полицијата и дека му е речено оти против него нема да биде поднесена пријава. Тој вели дека по него во истата полициска станица бил приведен уште еден уметник, Урош Јовановиќ, кој во меѓувреме исто така е пуштен. Јовановиќ во рамки на својата уметничка акција имал намера да внесе фотографија на претседателот во музејот.

“Салонот на непоткупливите” организира низа случувања чија цел е на уметнички начин да престанат со јавниот молк за состојбата во културата и умерноста и да алармираат за корупцијата во културата.