Русија ги критикува САД за непридржување до големите договори

Рускиот претседател Владимир Путин ги критикува САД за, како што тврди, одбивањето на Вашингтон да се придржува до големите договори поврзани со нуклеарното и хемиското оружје.

Тој ова го кажа во вчерашниот говор на состанокот на меѓународни експерти за надворешна политика, познат како Клуб за дискусии Валдај, одржан во црноморското одморалиште Сочи.

Тој рече дека Москва ги исполнила своите обврски за намалување на резервите на плутониум, кој може да се искористи за нуклеарно оружје и оти ги уништиле нивните залихи од хемиско оружје. Вашингтон, рече тој, не ги испочитува овие договори.

Тој исто така се осврна и на американските санкции против Русија. Путин вели дека санкциите имаат за цел да ја исфрлат Русија од европскиот енергетски пазар и да го отворат европскиот пазар за увоз на американски природен гас.