ЕУ – Изборите беа одржани во конкурентно опкружување

Локалните избори на 15 октомври беа одржани во конкурентно опкружување, оцени денеска Делегацијата на ЕУ во Скопје.

Во соопштението потсетуваат на прелиминарните заклучоци на набљудувачката мисија на ОБСЕ-ОДИХР, во кои се наведува дека темелните слободи на здружување и изразување генерално биле почитувани и покрај веродостојните наводи за прекршувања во предизборниот период.

„Властите треба ефективно да ги разгледаат препораките на ОБСЕ/ОДИХР. ЕУ е подготвена да помогне во овој процес“, се наведува во соопштението.

ЕУ ги повикува сите политички претставници да дејствуваат одговорно и сите институции да обезбедат услови за транспарентен и веродостоен изборен процес во вториот круг.

ЕУ исто така ги охрабрува ново избраните локални власти да придонесат во унапредување на европската агенда во земјата.