Американската амбасада ги поддржува оценките на ОБСЕ/ОДИХР за изборите

Локални избори 2017

„Ги поздравуваме прелиминарните заклучоци на ОБСЕ / ОДИХР дека изборите придонесоа за зајакнување на довербата во демократскиот процес и за почитувањето на основните слободи на изразување и собирање. Изборите се одвиваа на мирен и уреден начин“, соопштуваат од американската амбасада во Македонија за Радио Слободна Европа на прашањето за тоа како го оценуваат вчерашното гласање на изборите.

Од амбасадата апелираат онаму каде што постои загриженост за неправилности и злоупотреби граѓаните да ги пријавуваат и службените лица за нив веднаш да се обратат преку соодветен процес. Локалните власти, како што посочуваат, играат клучна улога во животот на граѓаните, кои влијаат врз здравјето, инфраструктурата, образованието, безбедноста и животната средина. Од амбасадата ги поттикнуваат граѓаните да учествуваат целосно и слободно во вториот круг на гласање.

„Заедно со други меѓународни и локални организации, ние внимателно ќе ја следиме изборната средина и ќе имаме екипи кои ќе го следат гласањето на 29 октомври“, истакнуваат од амбасадата.